Пресврт на германски начин: Светскиот првак победи во 95. минута! (ВИДЕО)

По кој знае кој пат светот посведочи враќање од мртвите на Германците и победа, која во оваа ситуација значи гол живот за актуелниот планетарен шампион. Ја совлада Шведска со 2-1, со гол во 95. минута.

Долго во натпреварот личеше дека се загубени, дури и кога имаа 1-1, Германците не беа задоволни, па и математички висеа за пласман во осминафиналето, но тогаш дојдоа „нивните“ минути. Судијата продолжи пет минути и во последната од нив Германија доби слободен удар од 20-тина метри, а изведе Тони Крос. Личеше дека ќе центрира, но биеше директно, перфектно, совладувајќи го Олсен во малата мрежичка.

Претходно, Шведска поведе уште во првото полувреме, откако токму Тони Крос направи фатална грешка на средината од теренот и им пружи шанса за полуконтра на Швеѓаните. Ја реализира Тоивонен во 32. минута со убав лоб, но Швеѓаните не знаеја долго да го чуваат водството. По неполни три минути во вториот дел Марко Ројс постигна гол за изедначување, а потоа следуваше вистинска опсада на шведскиот гол.

 

Тоа не се смени дури ни во 83. минута, кога Ридигер доби втор жолт картон и ги остави Германците со десетмина. Се редеа шансите, особено преку резервистите. Гомез биеше со глава од непосредна близина, по што Олсен одбрани, а Бендер ја погоди пречката, за на крај Крос да ја оправда поговорката дека „фудбалот е игра во која играат по 11-мина на двете страни, а на крај победува Германија.“

Со првата победа на Мундијалов, Германците имаат три бода, колку и Шведска, па сега во последното коло против Јужна Кореја ќе играат за осминафинале. Швеѓаните не се отпишани, но ќе мора да го совладаат Мексико ако сакаат да „преживеат“.