Перез на фудбалерите на Реал Мадрид им вети „луда награда“ за триумф на СКП во САД!

Фудбалерите на Реал Мадрид ќе добијат по еден милион евра бонус ако успеат да го освојат Светското клупско првенство (СКП) кое ќе се одржи од 14 јуни до 13 јули во САД. Шпанскиот гигант е меѓу 32 клуба од шест континентални конфедерации кои ќе настапат на првото проширено издание на турнирот.

Информацијата ја објави шпанската „Марка“, наведувајќи дека клубот подготвил значителна премија за своите фудбалери во случај на триумф. За Лука Модриќ, кој се очекува да се прости од Реал по овој турнир, ова би значело уште еден, 29. трофеј во неговата блескава кариера со „кралскиот клуб“.

Покрај индивидуалните бонуси, клубот би можел да заработи и до 110 милиони евра, вклучувајќи ги сите фази на натпреварот – што претставува најголем награден фонд во историјата на клупскиот фудбал.

Екипите само за учество ќе добијат меѓу 11,3 и 33,68 милиони евра, додека има посебни награди за секој освоен бод. Во групната фаза победата носи 1,76 милиони евра, а ремито по 880 илјади евра. Пласманот во осминафинале носи 6,6 милиони евра, место во четвртфинале носи 11,57 милиони евра, а играњето во полуфинале и финале би значеле добивка од 18,5 милиони односно 26,45 милиони евра. Титулата значи дополнителни 35,27 милиони евра.

Собирајќи ги сите можни добивки, победникот на СКП би имал вкупна заработка од 110 милиони евра, што би била рекордна бројка за еден клупски турнир.

ФОТО: EPA PHOTO