
Одбојкарките ветуваат: Верувајте во нас, ова е само почеток!
Првата битка е добиена, а тоа ги наполни со оптимизам македонските одбојкарки кои сепак се свесни дека најтешкото допрва доаѓа.
„Силната мотивираност, енергија и желба за успех која ја имавме од самиот старт на овој циклус, експлодираше уште на првиот дуел со Луксембург. Можеби некој ќе рече дека Луксембург е слаб ривал, но факт е дека ние нашето моравме и го одигравме на теренот. Гиневме една за друга, се надополнувавме со енергиите и испишавме историја која ќе се памети. Сакаме ова да биде само најава и прв чекор кон уште поголеми успеси“, вели Антонија Баталаковска.
Марија Василевска вели дека не смее да има опуштање, а добрата игра која ја прикажаа е плод на макотрпна работа.
„Среќна сум што сум дел од оваа генерација. Се гордеам со триумфот со кој дадовме нов импулс на женската сениорска одбојка. Се што работевме изминативе години и кон што целевме, сега го реализираме. Не се опуштаме, ова е само старт, имаме уште многу за играње, многу за докажување. Тешкото допрва доаѓа, а ние сме подготвени за предизвикот“, потенцира Марија Василевска.
Ана Павловска ја истакнува сплотеноста во репрезентацијата.
„Многу ми мило и горда сум што нашата генерација го скрши мразот и направи историја. Ќе имаме за што да раскажуваме во иднина. Сплотени сме и дишеме како една и во теренот и надвор од него и верувам дека дел од тоа беше видливо и во синоќешниот меч. Одигравме колку што беше потребно за победа. Факт е дека бевме во грч со оглед на тоа дека беше прв натпревар за нас. Пред нас се уште пет натпревари во кои може да играме на уште повисоко ниво и да растеме заедно како екипа“, заклучува Ана Павлоска.
Ана Фасулева вели дека ова е само почеток.
„Посебно чувство е да се игра пред домашна публика и да се постигне победа, која ние ја очекувавме толку долго време. Верувајте во нас, ова е само почеток! Посериозен предизвик стои пред нас в недела и верувам дека нашите вистински квалитети ќе дојдат до израз на овој натпревар“, децидна е Ана Фасулева.
Следниот меч на Македонија е против Швајцарија, дуелот се игра во недела со почеток од 20 часот во Струмица.