Феликс плачеше да се врати дома, па се стрча по милионите на Арапите!

Жоао Феликс, кој долго време најавуваше враќање во матичниот клуб Бенфика, неочекувано ја прифати понудата од саудискиот клуб Ал Наср, каде ќе заработува дури 17.5 милиони евра годишно.

Наместо да се врати во Лисабон, за што буквално плачеше во јавноста, португалскиот напаѓач се пресели во Саудиска Арабија, поттикнат од повикот на Кристијано Роналдо и тренерот Хорхе Жезус. Според официјалната објава на Челси, трансферот е комплетиран, но не со Бенфика, туку со Ал Наср, кој за услугите на Феликс плати 30 милиони евра, а со бонусите вредноста на договорот може да надмине 50 милиони евра. Составот од Лисабон беше подготвен да откупи 50-отсто од правата на играчот за 25 милиони евра и да му понуди плата од 3 милиони евра по сезона, но Феликс ја избра значително побогатата понуда од Саудиска Арабија.

Со ова, тој се приклучува на листата најплатени фудбалери во саудискиот шампионат, иако сè уште е далеку зад Роналдо, кој заработува над 200 милиони евра и зад Бензема, Садио Мане и Ријад Марез, кои земаат од 40 до 85 милиони евра годишно. Челси, од своја страна, финансиски добро помина од трансферот и сега има поголем простор да реализира нови засилувања. Една од целите е холандскиот интернационалец Ќави Симонс од Лајпциг, за кого германскиот клуб бара најмалку 70 милиони евра.

Иако има само 26 години, кариерата на Жоао Феликс не го оправда финансискиот влог од над 225 милиони евра колку што клубовите досега потрошиле на негови трансфери и позајмици. Единствената добитничка во оваа приказна засега останува Бенфика, која во 2019 година доби рекордни 127 милиони евра од Атлетико Мадрид.