Дебакл од Аргентина не се простува: Бразилскиот селектор денеска ќе биде отпуштен

Фудбалската федерација на Бразил донела конечно решение да ја прекине соработката со актуелниот селектор на репрезентацијата Доривал Жуниор, соопшти попладнево Фабрицио Романо повикувајќи се на извори од Бразил.

Веста треба да биде потврдена во текот на денов, по средбата меѓу селекторот и претседателот на Федерацијата, Едналдо Родригес. Медиумите во Бразил се категорични дека не постојат никакви шанси Доривал да остане на клупата, само треба да се утврдат условите под кои ќе си замине од позицијата.

Тој беше селектор од 10 јануари 2024 година, ја водеше репрезентацијата на 16 натпревари и на нив запиша седум победи, шест нерешени резултати и три порази. Сепак, под негово водство Бразил беше елиминиран во четвртфиналето од Копа Америка, а чашата ја прели дебаклот од Аргентина (1-4) во последниот квалификациски натпревар за Светското првенство.

Засега не е познато кој ќе го наследи Доривал, прва желба останува Карло Анчелоти, но меѓу кандидати се и Жорж Жезус и Абел Фереира.