Ненад Зивчевиќ објави: Доста е!

Досегашниот кошаркар на Гостивар, Ненад Зивчевиќ денеска објави крај на кариерата, на 39-годишна возраст.

Објавата доаѓа на едно коло пред крајот на основниот дел од сезоната во македонското првенство, а одлуката стапува на сила веднаш, со оглед на тоа што тој веќе се преселил од Гостивар и ги информирал сите во клубот дека нема да ја доврши сезоната. Неговата кариера траеше нешто повеќе од две децении, имајќи предвид дека мошне млад влезе во професионални води.

Иако роден во Скопје и производ на школата на Работнички, Зивчевиќ никогаш не заигра за македонските репрезентации затоа што како тинејџер замина во Будуќност од Подгорица и тогаш доби државјанство на Србија и Црна Гора. Подоцна се врати во земјава и играше за повеќе македонски клубови, прво Работнички, па Плејмејкер, МЗТ Скопје, Лирија, Струмица, Куманово и на крајот Гостивар. Настапуваше и низ Европа, Азија и Африка.

Најголемите успеси ги оствари со младинските репрезентации на Србија и Црна Гора и подоцна Србија со кои освои златни медали на европското кадетско (2003), јуниорско (2005) и младинско првенство (2007).