Aморим: Денеска докажавме дека можеме да победиме секого

Манчестер јунајтед денеска загуби од Арсенал во првото коло од сезоната во Премиер лигата на свој терен со 0-1, но „црвените ѓаволи“ прикажаа игра со која најавија подобра сезона за разлика од минатата.

Имаа игра избраниците на Аморим, создаваа шанси пред голот на Раја, упатија повеќе удари, Куња ја погоди и стативата, меѓутоа изостана реализацијата.

По натпреварот португалскиот стратег истакна дека нема за што да им замери на своите фудбалери.

„Немам што да замерам. Навистина сум горд, одигравме навистина храбро во секој сегмент. Им чсеститам на момците, заслуживме поинаков резултат бидејќи бевме подобриот тим на теренот и треба да продолжиме да работиме во оваа насока. Натпреварот го загубивме, меѓутоа докажавме дека можеме да победиме секого во Премиер лигата“, изјави Аморим.

На голот на Манчестер јунајтед денеска беше турскиот чувар на мрежата, Бејиндир, а Аморим вели дека Онана кој не беше ниту на клупата не е отпишан.

„Онана не е исфрлен од тимот и не е отпишан. Том и Алтај беа одлични во предсезоната, меѓутоа задоволен сум од сите тројца голмани“, одговори Португалецот на прашањето за Онана.