Спотот за новиот дрес на Вардар - невидено досега во Македонија! (ВИДЕО)

Ракометарите на Вардар ги прават последните подготовки за стартот на новата сезона, па така веќе е подготвено и видеото со кое ќе биде претставен дресот со кои „црвено-црните“ ќе се натпреваруваат во новата сезона.

Македонската гордост во претставувањето на дресот направи еден спој на сегашните ракометари и легендите на клубот, како Столе Петрушевски и Ацо Станковски кој сега е предводник на Куманово, но исто така во претставувањето се вклучени и „Комити“. Спотот е снимен на неколку локации како скопското „Кале“, плоштадот „Македонија“ и домот на Вардар СЦ „Јане Сандански“.

„Во пресрет на јубилејната година, кога РК Вардар 1961 го прославува 65 роденден, со огромна чест ви го претставуваме новиот дрес на клубот за наредните две сезони. Скопското Кале, тврдината на градот Скопје, симбол на издржливоста, на приказната која со децении, со многу труд и емоција ја имаат создавано и се уште ја создаваат генерации на ракометни легенди, спортски работници и навивачи, како и црвено-црните риги, нашиот препознатлив заштитен знак, на секој натпревар, дури и во најтешките моменти нека ги потсетуваат ракометарите на теренот на големината и на славната историја на клубот. Нека им бидат поттик и патоказ кон враќањето на тронот!“, објави Вардар.

Начинот на промоција на новиот дрес е најава за сезоната во која Вардар ќе влезе со уште повисоки амбиции, во надеж дека ќе ја врати доминацијата во домашниот ракомет и ќе оствари уште еден голем успех на меѓународна сцена. Тимот е исклучително засилен во текот на летото, има и нов тренер, а сезоната ќе ја почне со мечот од Суперкупот на Македонија, против Пелистер на 3 септември.