ЗОИ 2026 почнаа уште пред утрешното отворање во Милано, ама – без струја!

Натпреварите на Зимските олимписки игри (ЗОИ) започнаа уште пред официјалното отворање, кое е закажано за утре вечер во Милано, а првите медали ќе се бараат во една од најмладите олимписки дисциплини – мешани двојки во карлинг.

Поради големиот број натпревари во воведната фаза, турнирот започна два дена порано со четири меча, но програмата во салата за карлинг во Кортина беше привремено прекината поради прекин на електричната енергија. За неколку секунди салата остана во целосен мрак, по што се вклучи итното осветлување, а учесниците мораа да почекаат нормализација на напојувањето за да продолжат со натпреварите.

Очекувано, интересот на публиката во првиот ден не беше голем. Причината е што мешаните двојки не се меѓу најпопуларните дисциплини во карлинг, а дополнително, на стартот немаше италијанско учество. Сепак, со оглед на тоа што Италија е актуелен олимписки шампион, во наредните денови се очекува значително поголемо внимание и интерес.