Манасков и Пелистер го шокираа ПСЖ во последната секунда (ФОТО)

Иако уште минатата недела ги загуби шансите за пласман во нокаут фазата од Лигата на шампионите, Пелистер вечерва со реми се прости од своите навивачи, кога станува збор за натпреварите во елитното натпреварување.

На домашен терен, првакот на Македонија одигра нерешено со ПСЖ (34-34) и тоа благодарение на голот на Дејан Манасков во последната секунда. Пелистер беше пред пораз затоа што гостите водеа со 34-33 и имаа напад, но ја загубија топката, а нашиот претставник го искористи тоа и дојде до големо реми, против еден од најсилните европски клубови.

ПСЖ водеше безмалку цело прво полувреме, имаше и +4 (12-8) во 17. минута, по 30 минути беше 18-15 за гостите, но Пелистер се консолидира во вториот дел и во 41. минута успеа да израмни на 24-24. Во 50. минута, битолскиот тим имаше и +2 (29-27), но следуваше серија од три гола на ПСЖ за ново преземање на водството. Кога ПСЖ наптави +2 се чинеше дека се е готово, но ракометарите на Пелистер продолжија да веруваат и тоа на крајот им донесе резултат.

Филип Кузмановски беше апсолутно најдобар играч на натпреварот со десет гола од 12 шута, Манасков постигна пет, а Видомски и Хенингман по четири. 

Во последното коло, идната недела, Пелистер гостува кај Барселона, но тој натпревар нема никакво резултатско значење.