Здравковски: Очекувајте мотивирана Македонија против европскиот првак!

Младата македонска фудбалска репрезентација утревечер во Алкоркон ќе се соочи со актуелниот европски младински шампион Шпанија во евроквалификацискиот меч за пласман на Евро 2021 во Словенија и Унгарија, а црвено-жолтите надежи и покрај сите проблеми околу опремата со кои се соочија неочекувано, мотивирани се да ја изненадат „црвената фурија“.

Шпанија е апсолутен фаворит во групата, но македонските избраници на селекторот Благоја Милевски не се предаваат однапред и ќе се обидат да направат изненадување

„Утре нѐ очекува натпревар против една од најдобрите европски репрезентации. Шпанија е топ фаворит во групата, но и силен мотив за нас, но очекувајте мотивирана Македонија со цел квалитетно да им се спротивставиме на домашните фудбалери“, вели Давор Здравковски, капитенот на селекцијата и фудбалер на кипарски АЕЛ Лимасол.

Македонија по три кола има седум бода и во во врвот на табелата, па сега Шпанија им е најголемиот испит за потенцијалот за нов настап на континенталниот собир на таленти. После овој меч, македонските надежи имаат и меч со Фарски острови на гости.

„Овие квалификации ги започнавме со добри резултати и ќе направиме сѐ за да го продолжиме тој пат. Ветуваме голема борба и максимална ангажираност од сите во репрезентацијата“, додава Здравковски.