Критериумите за влез на стадионот во Букурешт се МАКСИМАЛНО КОМПЛИЦИРАНИ

Романската фудбалска федерација денеска ги објави условите под кои припадниците на навивачката фаланга ќе може да присуствуваат на дебито на Македонија на едно големо натпреварување во Букурешт, а кои се речиси идентични со тоа што деновиве е ептен популарно во нашата држава – условите за влез во соседна Грција.

Со оглед на националната законска регулатива поврзана со пандемијата со коронавирусот, Романците донесоа одлука дека на стадионот во Букурешт може да се влезе само лицата кои:

(А) - се целосно вакцинирани и тоа најмалку 10 дена по примање на втората доза

(Б) - ќе приложат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа

(В) - кои прележале Ковид-19 и тоа помеѓу 15-тиот и 90-тиот ден од потврдата на присуство на коронавирусот во организмот

(Г) - кои ќе приложат негативен брз антиген-тест од лиценцирана лабараторија не постар од 24 часа пред почетокот на натпреварот.

За македонските навивачи што сакаат да заминат во Букурешт да ги бодрат македонските репрезентативци на средбите против Австрија (13 јуни) и Украина (17 јуни) мора да знаат дека не ја завршиле работата само со купувањето на билетот. Организаторот ги објави чекорите кои мора да ги минат сите фанови што сакаат да се најдат на трибините, а кои не се баш едноставни. Навивачите кои спаѓаат во категориите А, Б и В за влез на стадионот ќе мора да минат низ следните пет чекори:

(1) – носителот на билетот мора да се појави еден ден претходно или на денот на натпреварот во еден од неколкуте акредитирани медицински центри за ЕВРО 2020 во Букурешт со бараната документација на романски или англиски јазик.

(2) – носителот на билетот ги плаќа трошоците за процедурата на касата.

(3) – медицинските лица ги проверуваат документите и му сигнализираат на волонтерот од ЕВРО 2020 дека е сѐ во ред со навивачот

(4) – волонтерот на навивачот му закачува бразлетна на раката со напомена дека не смее да се вади, бидејќи таа е самоуништувачка и ако се извади повеќе нема да може да се користи.

(5) – носителот на билетот се појавува на стадионот, каде што пристапот до трибините е можен само со влезен билет и со бразлетна на раката. Само еден од овие два барани елементи не е доволен. Навивачот мора да носи и личен документ за идентификација со кој го купил билетот.

Во ситуација некој од документите од претходните ставки да не е во ред, навивачот може да побара да му биде извршен брз антиген-тест, односно да премине во категоријата Д за која ќе треба да се минат следните шест чекори:

(1) - носителот на билетот мора да се појави на денот на натпреварот во еден од неколкуте акредитирани медицински центри за ЕВРО 2020 во Букурешт.

(2) - носителот на билетот ги плаќа трошоците за процедурата на касата

(3) – медицинските лица му извршуваат брз антиген-тест и му ги соопштуваат резултатите по минување на потребното време за чекање.

(4) - медицинските лица го известуваат волонтерот од ЕВРО 2020 дека е сѐ во ред со навивачот односно дека тестот е негативен.

(5) - волонтерот на навивачот му закачува бразлетна на раката со напомена дека не смее да се вади, бидејќи таа е самоуништувачка и ако се извади повеќе нема да може да се користи.

(6) - носителот на билетот се појавува на стадионот, каде што пристапот до трибините е можен само со влезен билет и со бразлетна на раката. Само еден од овие два барани елементи не е доволен. Навивачот мора да носи и личен документ за идентификација со кој го купил билетот.

Што се однесува до влезот во Романија, тој ќе биде слободен за македонските навивачи, со напомена од граничните служби дека мора да минат низ горе наведената процедура ако сакаат да се најдат на трибините на стадионот во Букурешт.

Влезен билет мора да имаат сите, дури и децата без разлика на нивната возраст. Во однос на тестирањето, тоа не е потребно за деца до три години, додека за тие помеѓу три и 16 години мора да исполнат еден од условите Б, В или Г. За децата постари од 16 години важат истите правила како и за возрасните.

Бразлетните ќе бидат во различни бои за секој од натпреварите, а организаторот ги признава сите вакцини што постојат, односно што се користат во Македонија. Листата на акредитирани медицински центри и нивните локации во Букурешт ќе бидат дополнително објавени, заедно со сумата што навивачите ќе мора да ја платат за услугата односно за брзите тестови.

ФФМ објави дека добила околу 2.000 билети за македонските навивачи, а се очекува бројката на нашата фаланга да биде и побројна со фанови што ќе се обидат да купат влезница на лице место во Букурешт.