Сантош: Уште се прашувате дали Македонија е добра, а отиде во Италија и ја исфрли?

Португалскиот селектор Фернандо Сантош ѝ порача на португалската јавност, ама и на своите фудбалери дека Македонија мора да ја добие сета почит од нив и дека не смее да се потценува ни најмалку, во пресрет на мундијалското финале од плејофот во вторник на вечер во Порто (20.45 часот).

Македонија направи сензација во Палермо со победата со 1-0 против европскиот првак Италија со голот на Александар Трајковски во судиското надополнување, а Сантош уште пред да почне овој плејоф за СП, предупредуваше дека сѐ е можно и на крај се случи чудото, а и Португалија се мачеше со Турција, која промаши пенал во завршницата за продолженија (3-1).

„Ние мора и треба да ја покажеме сета почит кон Македонија, исто како и кон Италија. Јас ви реков дека овие мечеви не се шега и ништо не се знае. Секој меч е како финале, сѐ може да се случи и затоа мора да се соочите со тоа, дека фокусот мора да биде постојан, концентрацијата на највисоко ниво. Уште ли се прашувате дали Македонија е добра, а тој тим отиде во Италија и го елиминира европскиот првак“, рече Сантош.