
„Горди сме што Илиевски прифати да помогне во решавањето на проблемите во македонската кошарка“
Главчев кажа дека во претходните две недели имал разговори и со други тренери, но не успеал да се договори, додека за Илиевски посочи дека е познато име во македонската кошарка кој ставил потпис на четиригодишна соработка.
„Би сакал да му се заблагодарам на претходниот селектор и неговиот стручен штаб за нивниот ангажман во претходните две години. Нивниот договор беше истечен, ние во претходните две недели имавме низа разговори со други стручњаци, но со нив не успеавме да најдеме заеднички јазик. Затоа, би сакал да му се заблaгодарам на Марјан Илиевски и неговите помошници за подадената рака. Не би сакал многу да зборувам за Илиевски, тој е познато име во македонската кошарка со забележителни резултати. Горди сме што прифати да влеземе во еден проект, наречен решавање на проблемите во македонската кошарка. Нашата репрезентација во моментов е на 30. на ранг листата на ФИБА Европа. Периодот кога бевме околу десеттото место е далечен и можеме да забележиме дека од година во година котираме сè полошо. Сакам да бидам реален оптимист дека овие проблеми ќе ги надминеме брзо. Очекувањата треба да бидат реални и да се соочиме со моментот кој го живееме. Се надевам дека тоа со Илиевски и со поддршка од медиумите ќе го надминеме лошиот период. Ќе ни треба малку повеќе време за сите планови да го имплементираме“, кажа Главчев.