Илиевски: Уште не знаеме со каков тим ќе играме во квалификациите!

Марјан Илиевски го презема кормилото на кошаркарската репрезентација на Македонија, а на денешната прес-конференција кажа дека чест му е да биде на оваа функција.

Илиевски потпиша четиригодишен договор и посочи дека ќе направат план со соработниците за да донесат подобри резултати за Македонија.

„Му благодарам на раководството на Кошаркарската федерација за честа да бидам на оваа позиција на која сум сега. Им благодарам и на моите соработници за поддршката и очекувам максимален ангажман од нив. Неблагодарно е да зборувам за моменталната состојба, сега ќе правиме планови за иднината. Треба сите заедно да се вклучиме во работата на репрезентацијата, како ние, така и клубовите и медиумите. Потребно е да разговараме за кошарката и репрезентацијата за тоа како би се движеле во иднина за да ја подобриме ситуацијата во нашиот спорт. Не е прифатливо за мене да дојдеме до опструкции од клубовите бидејќи тие се неоходен дел од оваа операција“, кажа Илиевски.

Новиот селектор посочи дека дека во моментов не знае каков тим ќе има, а со тоа не може ниту да открие какви амбиции ќе имаат во августовскиот циклус.

„Стартната позиција на која се наоѓаме е тоа дека дел од главните играчи нема да можат да бидат присутни во августовскиот циклус. Сепак, сакам да разговарам уште еднаш со нив и да ги поставиме работите на своето место. Дури тогаш ќе знаеме со каков ростер ќе располагаме. Ако ги немаме главните играчи, периодот за почеток на подготвки (10 јули) е многу доцна, особено ако се подмладува репрезентацијата. Ни од натурализираните играчи немаме потврда, за Шортс уште трае сезоната. Тоа значи дека во моментов не знаеме каков тим ќе имаме, а со тоа и какви ни се амбициите“, посочи селекторот.