Пелистерци не само што се тепале - ја скршиле и вратата од соблекувалната во Охрид (ФОТО)

Скршена врата во гостинската соблекувална и низа други инциденти го одбележаа финишот на натпреварот меѓу ГРК Охрид и Пелистер (29-25), одигран во рамките на македонската Суперлига.

Според информациите на „Охрид спорт“, нервозата кај гостинскиот тим по поразот кулминирала веднаш по завршувањето на средбата, при што била оштетена вратата во соблекувалната на битолчани. Инцидентите не завршиле таму, туку продолжиле и надвор од спортската сала.

Од СВР Охрид потврдија дека по мечот биле евидентирани повеќе немили настани. Како што изјави портпаролот Стефан Димоски, приведен е ракометарот Дејан Манасков поради напад врз помошниот тренер на ГРК Охрид, Крсте Андоновски, за што ќе биде поднесена соодветна пријава. Истиот извор наведува дека имало и вербален и физички инцидент меѓу гостинскиот играч Радивојевиќ и тренерот на охридскиот тим, Борис Ројевиќ, што дополнително ја вжештило атмосферата.

Серијата на настани завршила со напад на група навивачи на Пелистер врз неколку граѓани на Охрид во централното градско подрачје, инцидент што исто така е потврден од полицијата. Од СВР Охрид информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.