
Македонија во Вадуц почнува нов циклус: Нека биде како во 1996, не како во 2002
Стартот ќе го означи во Лихтеншајн, каде во ноември 1996 година ја оствари најголемата побда од осамостојувањето на Македонија (11-1). Репрезентацијата на Лихтенштајн ѝ е една од омилените противници на македонската селекција имајќи предвид дека од вкупно 11 меѓусебни дуели досега, нашиот национален тим оствари десет победи и еднаш одигра нерешено, со гол разлика 42-5.
Сепак, тоа едно единствено реми скапо не чинеше во квалификациите за Европското првенство во Португалија 2004. Две години порано, на 8 септември 2002, Македонија му гостуваше на Лихтенштајн во првото коло од квалификациите и одигра 1-1, па уште на стартот остана со минимални шанси да се вмеша во борбата за пласман на континенталниот собир. Во тој циклус, еден месец подоцна одигравме нерешено и со Англија во Саутемптон (2-2), но остана да се памти ремито во Вадуц.
Сега македонската репрезентација не би смеела да си дозволи уште на стартот да направи кикс против аутсајдерот во групата бидејќи тоа може скапо да ја чини. Покрај Лихтенштајн, во ова друштво се уште Белгија, Велс и Казахстан и секој непланирано пропуштен бод ќе биде тешко да се надополни.
Македонската репрезентација во овој циклус влегува со пет победи по ред и исто толку натпревари без промен гол, серија каква немала никогаш во својата историја. Оттука и оптимизмот и кај фудбалерите и кај навивачите дека нема да има проблеми во малото кнежевство.
Натпреварот во Вадуц се игра денеска од 15 часот, а ќе го води украинска судиска постава, предводена од Микола Балакин. Во рамките на истата група, вечерва од 20:45 часот се среќаваат уште Велс и Казахстан.