Приходот од влезниците од мечот со Велс ќе бидат донирани на настраданите во Кочани

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) реши приходите од продадените влезници за мечот со Велс да бидат донирани на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ по натпреварот со Лихтенштајн (3-0) во Вадуц кажа дека средствата ќе бидат донирани.

„Во овие тешки моменти, нашите мисли се со семејствата на настраданите во големата трагедија во која животот го загубија многу млади луѓе. Како знак на поддршка и солидарност, сакам да најавам дека приходот од влезниците за нашиот следен натпревар против Велс ќе биде дониран за повредените и семејствата на загинатите. Ова е време кога фудбалот покажува дека е повеќе од игра - фудбалот и репрезентацијата обединуваат и помагаат. Да продолжиме заедно, со срце и со верба за Македонија“, објави Омерагиќ.