Спортскиот директор на Јуве му грмнал на Мота: Срам ми е што те избрав тебе

Иако до пред две недели менаџментот на Јувентус му даваше поддршка на Тијаго Мота, се се сменило последните денови во кои дошло до драматично влошување на односите меѓу функционерите и шефот на стручниот штаб.

Пред се, тоа се однесува на спортскиот директор Кристијано Џунтоли кој пред неколку дена имал жестока расправија со Мота. Газета дело спорт објави дека Џунтоли и извршниот директор Маурицио Сканавино не биле задоволни од изјавите на Мота по поразите од Аталанта и Фиорентина. Во вторникот тројцата имале ручек на кој една од темите биле резултатите на тимот и играта оваа сезона при што се кренала тензија затоа што тренерот немал концепција за излез од кризата.

Тука пукнало трпението на Џунтоли кој му се развикал на Мота: Ми е срам што те избрав тебе за тренер на Јувентус. Веднаш почнала операцијата за замена на тренерот и било заклучено дека треба да се најде привремено решение, односно стручњак кој ќе ја заврши сезоната, а потоа ќе се бара нов шеф на стручниот штаб.

Целата работа треба да биде завршена до крајот на денешниот ден, а како нов тренер е најавен Игор Тудор, поранешен играч на овој клуб.