Алкалоид денеска ја почнува битката за полуфинале

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Алкалоид денеска од 17 часот го игра првиот четвртфинален натпревар од ЕХФ Европскиот куп.

Противник ќе биде романскиот Баја Маре кој во одлично расположение го пречекува двомечот против Алкалоид затоа што се наоѓа во серија од четири победи во сите натпреварувања од кои три во првенството со кои се искачи на третата позиција на табелата. До четвртфиналето во ЕХФ Европскиот куп, Баја Маре стигна на мошне интересен начин. Во второто коло го победи косовскиот Раховеци како гостин со 38-31 за потоа на домашен терен да загуби со пет разлика, а во осминафиналето два пати тесно го совлада финскиот БК-46 со тоа што двата меча ги играше на гостински терен.

Алкалоид се соочи со големи, неочекувани проблеми пред дуелите со Баја Маре бидејќи минатата недела остана без еден од своите најдобри ракометари Марко Митев кој доживеа тешка повреда и најверојатно до крајот на сезоната нема да се врати на терените. Тимот од Автокоманда беше доминантен во досегашниот дел од ЕХФ Европскиот куп, остварувајќи шест победи на исто толку натпревари, против литванската Клаипеда, австрискиот Вест Виен и италијанскиот Бриксен. Ниеден од овие ривали не беше ни блиску да го загрози Алкалоид бидејќи Клаипеда беше совладана со 17, Вест Виен со 14, а Бриксен со 19 гола разлика.

Натпреварот во Баја Маре кој е на програмата денеска ќе го суди украинско-литванска двојка: Анатоли Новиков-Миндаугас Гателис. Реваншот е идниот викенд во Скопје.