Англиски новинар жестоко по Сити: Оцрнета е цела ера на Гвардиола - исфрлете ги!
Додека се чека официјалната одлука за казната и најавената жалба на клубот, спортскиот уредник на „Дејли Мејл“, Оливер Холт, упати остра критика, чии ставови може да се сумираат во неколку клучни пораки.
Тој смета дека сите трофеи освоени по доаѓањето на сопствениците од Абу Даби вклучувајќи го и историскиот гол на Серхио Агуеро во 2012 година, како и ерата на Гвардиола сега се трајно оцрнети.
„Иако Пеп Гвардиола можеби не знаел за неправилностите, тој директно профитираше од систем изграден на нефер начин“, пишува „Дејли Мејл“.
Од медиумот истакнуваат дека најголемата трагедија е тоа што ривалските клубови и нивните навивачи биле лишени од историски моменти.
„Доколку Сити играше според правилата, Сер Алекс Фергусон ќе имаше 14 титули, Стивен Џерард ќе ја освоеше Премиер лигата со Ливерпул (2013/14), Жозе Мурињо ќе славеше со Јунајтед (2017/18), а Јирген Клоп ќе освоеше уште најмалку две титули и ќе влезеше во историјата како најголемиот тренер во ерата по Фергусон“, наведува „Дејли Мејл“.
На крајот се додава дека санкциите се единственото праведно решение.
„Обичното додавање „ѕвездичка“ покрај спорните титули не е доволно и на Сити мора да му бидат одземени сите трофеи освоени во тој период (2012, 2014, 2018, 2019, 2021, 2022, 2023 и 2024 година), а клубот мора да биде исфрлен од Премиер лигата во Чемпионшип. На коцка е целокупниот кредибилитет на англискиот фудбал. Секоја поблага казна би значела дека мамењето поминало без вистинска одговорност“, меѓу другото наведува „Дејли Мејл“.