Фантастичниот Карлик Џонс го водеше Партизан до победа над Олимпија (ВИДЕО)

Кошаркарите на Партизан со убедливи 92-76 ја совладаа Олимпија Милано во Белград, во првото коло од новата сезона во Евролигата.

Исклучително важна победа за „црно-белите“, но и за нивните навивачи, кои не влегоа во новата сезона со големи очекувања по разочарувањето во минатата.

Партизан од самиот почеток одигра на високо ниво во одбраната, што беше поздравено и од трибините. Почетокот на натпреварот беше нешто послаб, а во првата четвртина одличен беше Карлик Џонс, но и новите засилувања на белградскиот тим. По првиот период „црно-белите“ имаа водство од 20-16. 

Слично беше и во втората четвртина. Организацијата на нападите не беше идеална, но затоа одлично функционираше шутот за три поени. Лакиќ се истакна, погоди и Томпсон, додека на спротивната страна незапирлив беше Алек Питерс. На полувреме Партизан замина со предност од 42-36.

Сепак, сите во салата се загрижија поради повредата на Дерек Вилис. Во продолжението предноста на домаќините целосно се стопи. Партизан не можеше да погоди, а одбраната не успеваше да го запре противникот, па „манекените“ стигнаа до израмнување 57-57.

Српскиот тим потоа повторно се разбуди и со голем напор успеа да создаде предност од пет поени пред последната четвртина 63-58. Гостите во последниот период како целосно да загубија сили, па Партизан издоминира за на крајот да слави и убедливо со 16 поени разлика.

Најефикасен кај Партизан беше Џонс со дабл-дабл од 20 поени и десет асистенции, додека на спротивната страна по 17 постигнаа Гудуриќ и Питерс.

Во двата натпревари кои се одиграа нешто порано денеска, Валенсија со 96-94 славеше на гости кај Бешикташ, а Фенербахче дома ја совлада Виртус Болоа со 78-68.