Елмас: Невозможна е споредба со Пандев, сите ме гледаат како нов лидер ама – нема потреба!

Македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас, кој веќе зад себе има 150 настапи во Серија А откако во јуни 2019 година дојде во Наполи од Фенербахче за македонски рекорд од 16 милиони евра, посочи дека е почестен што македонската јавност го гледа како нов лидер после великанот Горан Пандев, но посочи дека нема потреба за такво нешто.

Пандев летово замина во фудбалска пензија, една година откако на Еуро 2020 во амстердам се пензионираше од националниот тим, со 122 меча во црвено-жолтиот дрес, 38 гола меѓу кои и тие за пласман на еден голем турнир (Тбилиси, 12 ноември 2020) и првиот гол за Македонија на европските првенства (против Австрија во Букурешт). Многумина очекуваат Елмас, како најголем македонски талент после Пандев да ја преземе лидерската улога во репрезентацијата.

„Лидер на Македонија после Пандев? Горан беше голем фудбалер и освои буквално сè, така да, да се споредуваме со него е – невозможно. Јас сум почестен што навивачите мислат и ме гледаат како нов лидер, но мислам дека нема потреба за такво нешто. Имаме една група на многу важни фудбалери во националниот тим“, вели Елмас за „Ил Мартино“.

Елмас сезонава има три гола и две асистенции за Наполи во пресрет на стартот на вториот дел од сезоната во кој наполитанците влегуваат како први фаворити за „скудетото“, зашто до паузата за СП во Катар, имаа само две ремија во 15 меча и дури 13 победи.