
Бостон во „Медисон Сквер Гарден“ покажа зошто е првак, Г. Стејт не може без Кари (ВИДЕО)
„Келтите“ уште од самиот почеток на натпреварот диктираа темпо и постепено ја зголемуваа предноста. Веќе по првата четвртина водеа со 36-20, на полувреме имаа комотна разлика од 71-46, додека во третата четвртина достигнаа и +31 разлика. Никс, кои претходно двапати надополнија негатива од 20 поени, овојпат не успеаја да се вратат во игра.
Оваа победа на гостински терен го продолжува трендот во Источната конференција – по шест одиграни средби во второто коло од плејофот, ниту еден домашен тим нема забележано триумф. Клучна улога за триумфот на Бостон имаше прецизниот шут за три поени – Селтикс погодија 20 од 40 обиди од далечина, за разлика од Никс кои реализираа само 5 од 25. Бостон имаше предност и во останатите статистички сегменти на играта. Пејтон Причард со 23 поени беше прв стрелец за победничкиот тим, а веднаш зад него беа Џејсон Тејтум (22 поени, 9 скокови, 7 асистенции), Џејлен Браун (19) и Дерик Вајт (17). Кај Њујорк, Џејлен Брансон повторно беше најистакнат поединец со 27 поени и 7 асистенции, додека Карл-Ентони Таунс постигна 21 поен и имаше 15 скокови, и покрај скромниот шутерски ефект (5/18). Четвртиот натпревар, кој повторно ќе се игра во Њујорк, е закажан за ноќта меѓу понеделник и вторник со почеток во 1.30 часот по македонско време.
Во Западната конференција, кошаркарите на Минесота тимбервулвс дојдоа до водство со 2-1 во серијата против Голден Стејт Вориорс, откако во третиот натпревар, одигран во Сан Франциско, славеа со резултат 102-97. Најзаслужен за победата беше Ентони Едвардс со 36 поени, а силна поддршка му даде Џулиус Рендл кој забележа трипл-дабл учинок – 24 поени, 12 асистенции и 10 скокови. Кај Вориорс, кои настапија без повредениот Стеф Кари, најдобри беа Џими Батлер со 33 поени, 7 скокови и 7 асистенции и Џонатан Куминга со 30 поени и 6 скокови. И четвртиот меч од оваа серија ќе се игра во Сан Франциско.
ФОТО: X / @celtics