ЕХФ не нѐ израдува: Македонија ќе нема директно место ниту во проширената ЛШ!
Одлуката беше донесена на состанокот на Извршниот комитет на ЕХФ што се одржа во саботата во Ротердам. Според новиот модел, ЛШ во иднина ќе брои 24 екипи и ќе се игра по целосно нов формат, а клучен критериум за распределба на местата е рангирањето на националните федерации врз основа на резултатите во клупските натпреварувања во последните три сезони (2022/23, 2023/24 и 2024/25).
Федерациите пласирани од прво до десетто место на ранг-листата добиваат по едно директно место во Лигата на шампионите. Во ова друштво за следната сезона се Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка, а Македонија се најде на 12-тата позиција што не беше доволно за ваква привилегија. За македонскиот шампион ова значи дека патот до Лигата на шампионите води исклучиво преку „вајлд-карта“. Секоја од десетте најдобро рангирани федерации ќе може да аплицира за уште најмногу две дополнителни покани, а ЕХФ ќе додели вкупно осум „вајлд-карти“, при што максимум три клуба од една федерација можат да настапуваат во елитата.
Во новиот формат, 24-те екипи ќе бидат распределени во шест групи со по четири тима. Првите две екипи од секоја група (вкупно 12) ќе обезбедат пласман во главната рунда, додека преостанатите 12 ќе го продолжат натпреварувањето во шеснаесеттинафиналето од Европската лига. Ждрепката за групната фаза е закажана за 26 јуни во Виена.