Изненадувачки: Голем талент на Баерн ја одби Германија за да игра за – Косово!

Седумнаесетгодишниот фудбалер за врска на Баерн Минхен, Ерблин Османи, реши во иднина да настапува за репрезентацијата на Косово, иако ги мина сите младински селекции на Германија и дури ја носеше капитенската лента во националниот тим до 17 години.

Селекторот на Косово, Франко Фода, веќе го вклучи Османи на списокот за претстојните натпревари од Лигата на нации, откако добил потврда од самиот играч за неговиот конечен избор. Оваа одлука доаѓа непосредно откако Османи во петокот дебитираше за сениорскиот тим на Баерн Минхен во убедливата победа против екипата на Унион Берлин (7-0). Германските медиуми ја карактеризираат одлуката на фудбалерот како голема загуба за нивниот национален тим, но сепак не ја губат надежта дека тој можеби нема да добие минутажа на претстојните мечеви, што би оставило правен простор за промена на одлуката.

„Уште еден удар за германската репрезентација. Ѕвездата во подем Османи одби да игра за Германија. Вратите на Германија сè уште не му се затворени. Повикот од селекторот на Косово не значи дека и ќе игра на натпреварите. Главното прашање е дали селекторот ќе го уфрли во игра на мечевите од Лигата на нации. Ако заигра само една минута, повеќе нема да биде достапен за Германија“, пишува весникот „Билд“.