Јамал станува „втор Винисиус“ - ќе му избега Златната топка поради тоа (ВИДЕО)
Во првото полувреме Јамал бараше пенал по дуел со Агуеме, но судијата процени дека нема прекршок, а дополнително беше утврдено дека контактот се случил надвор од шеснаесетникот. Откако трибините започнаа со свирежи, Јамал со двете раце им покажа на навивачите да продолжат да свиркаат. Реакцијата предизвика дополнителни негодувања, а неколку фудбалери на Севиља мораа да реагираат за да не се зголеми тензијата.
Ова не е првпат Јамал да има ваков однос со противничките трибини. Младиот ас очигледно не се повлекува кога е провоциран, туку напротив – понекогаш директно им одговара на навивачите.
Токму тука шпанската јавност сè почесто го споредува со Винисиус Жуниор. Бразилецот во изминатите години исто така имаше бројни конфронтации со противничките навивачи, особено кога атмосферата на стадионите стануваше непријателска. Во случајот со Винисиус, неговиот однос со трибините често стануваше една од главните теми по натпреварите. Јамал, сепак, има поинаков контекст. Тој неодамна зборуваше и за своите искуства со навреди од трибините, вклучително и расистички навреди, и објасни дека не сака таквите провокации да му влијаат на играта. Порача и дека не треба да се дозволи навивач кој платил билет да го извади фудбалерот од концентрација.
Но, сцената во Севиља покажува дека Јамал не е фудбалер кој секогаш избира целосно да ги игнорира трибините. Кога свирежите стануваат дел од натпреварот, тој знае и да возврати со гестови – нешто што неизбежно потсетува на начинот на кој Винисиус во минатото реагираше на притисокот од противничките навивачи. Разликата е што Јамал има само 19 години и веќе игра со огромно внимание околу себе. Тој е една од главните ѕвезди на Барселона, капитен на тимот и еден од фудбалерите околу кои се води и дебатата за „Златната топка“. Во интервју за „Универзо Валдано“, Јамал неодамна изјави дека смета оти има аргументи да ја освои наградата.
Однесувањето како ова во Севиља може само да му направи проблем во изборот на Златната топка бидејќи тоа е еден од критериумите за нејзино освојување. Тоа беше и причината поради која Винисиус пред две години не го доби ласкавото признание, туку тое отиде во рацете на Родри.