КФМ ќе го организира најдолгиот олстар во историјата – ќе трае најмалку 8 часа!

Челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска излегоа со први информации околу претстојниот олстар натпревар, закажан за следната недела (21 часот), според кои тоа дефинитивно ќе биде најдолгиот ваков настан во историјата на светската кошарка бидејќи ќе трае дури – осум часа.

Возбудувањата во салата СРЦ „Кале“ ќе почнат во 12 часот со настап на „ѕвездите во подем“ односно со најдобрите во конкуренција на играчи до 20-годишна возраст. Потоа на паркетот ќе истрчаат дамите, чија пресметка на најдобрите ќе почне во 15 часот, додека од 18 часот е круната на денот – дуелот помеѓу најдобрите домашни и странски кошаркари во машката суперлигашка конкуренција. Од Куќата на кошарката дефинитивно ќе ги урнат сите можни рекорди, бидејќи тешко дека има друга држава во која една ваква манифестација трае толку долго.

Според предвиденото, секоја од екипите во трите конкуренции има право да предложи по еден играч за настап на средбата меѓу најдобрите, а другите учесници ќе бидат одредени задутре (среда) на посебен собир во КФМ. Планирано е да има и натпревар во шутирање тројки и забивање за време на главната пресметка на вечерта, а ќе настапат тие што самите ќе се пријават. Ако има повеќе пријавени, ќе се играат квалификации.

Предводниците на македонската кошарка планираат и доделување на наградите за најдобрите за сезоната 2024/25, што ќе се случи на паузите меѓу четвртините и на полувремето.