Славје на Алијанц арена: Баерн го доби трофејот - за Милер 13., за Кејн прв (ВИДЕО)

Откако минатиот викенд ја обезбеди шампионската титула, Баерн вечерва го доби трофејот од Бундеслигата и пред своите навивачи на Алијанц арената го одбележа 34. триумф во националниот шампионат.

На домашен терен Баерн беше подобар од Борусија Менхенгладбах со 2-0, со головите на Кејн и Олис, но резултатот не му беше важен никому бидејќи само се чекаше славјето по завршувањето на натпреварот. По последниот свиреж почна големото славје кое донесе и неколку емотивни моменти и куриозитети.

 

 

Легендарниот германски фудбалер Томас Милер и покрај тоа што не е капитен, ја доби честа од Мануел Нојер да го крене шампионскиот трофеј, 13. и последен пат во својата кариера. Тој е апсолутен рекордер во Бундеслигата, а вечерва се прости од навивачите на Алијанц арената бидејќи по завршувањето на сезонава го напушта Баерн каде ја помина цела досегашна кариера. Пред почетокот на мечот клубот му додели пригоден подарок, а навивачите со транспарент се простија од него.

 

 

Од друга странам Хари Кејн официјално се израдува на својот прв воопшто трофеј во кариерата. Еден од најдобрите голгетери во европскиот и светскиот фудбал првпат се израдува на шампионска титула, во својата втора сезона како член на Баерн. Јасно е дека вторпат во низа ќе биде најдобар стрелец во Бундеслигата, а вечерва придонесе за славјето, со еден постигнат гол.