Репрезентативците на Бенин минаа низ голгота пред историскиот меч за Меси и Аргентина

Место во свечена атмосфера, репрезентацијата на Бенин на натпреварот со Аргентина пристигна по пат исполнет со сериозни проблеми.

Бенин е противникот на Аргентина во натпреварот кој ќе биде особено емотивен поради планираниот репрезентативен проштален настап на Лионел Меси. Но, додека вниманието на јавноста е насочено кон аргентинската суперѕвезда, африканската селекција помина низ низа непријатности.

Делегацијата на Бенин поминала повеќе од 20 часа во авион, во економска класа, на патот кон Буенос Аирес. Долгото патување оставило последици врз тимот, а видеоаналитичарот Жонас Биде дури и се онесвестил. Проблемите продолжиле и по пристигнувањето во Аргентина. Условите во хотелот не биле на нивото што се очекува за професионална репрезентација. На еден од катовите немало топла вода, сауната не функционирала, а фитнес-салата не ги исполнувала условите за квалитетна подготовка на фудбалерите.

Дополнителна непријатност претставувало и доцнењето на дел од опремата. Неколку репрезентативци на Бенин не пристигнале навреме во Буенос Аирес, што дополнително ја отежнало подготовката за натпреварот. Слични проблеми претходно имаше и репрезентацијата на Буркина Фасо, која требаше да биде противник на Аргентина. Поради проблемите околу организацијата и патувањето, африканската селекција не настапи во планираниот состав.

И покрај сите тешкотии, Бенин ќе има можност да биде дел од фудбалски спектакл. „Гепардите“ ќе истрчаат на теренот против светскиот шампион и ќе играат пред преполните трибини на „Монументал“.

За фудбалерите на Бенин тоа ќе биде натпревар за паметење. Иако условите пред дуелот беа далеку од идеални, селекцијата доби можност да се соочи со Аргентина и да биде дел од потенцијално историскиот репрезентативен настап на Меси. Од Бенин најавуваат дека нема да бидат само статисти во прославата на Аргентина. Африканската селекција сака со добар настап да покаже дека поканата за овој натпревар ја заслужила на теренот.

Натпреварот меѓу Аргентина и Бенин се игра в среда во 1 часот по полноќ, по средноевропско време.