Двата порази ја однесоа Македонија пет места подолу на ФИФА-листата

Македонската фудбалска репрезентација падна за пет позиции после двата порази од Полска и Австрија во евроквалификациите, па на јунското рангирање објавено денеска од Светската фудбалска федерација (ФИФА), црвено-жолтите се најдоа на 73-то место на листата.

Македонија загуби од Полска со 0-1, а од Австрија доживеа дебакл со 1-4, па загуби вкупно 17 рејтинг поени и сега со 1.333 е на делба на таа 73-та позиција заедно со Кина. За Македонија ова е најголемиот пад на листата во последните речиси година и половина во кои најчесто напредуваше најсилната селекција.

Од македонските противници во групата Полска скокна за едно место на 19-та позиција, Австрија напредуваше дури осум до 26-то место, додека Словенија падна за две места на 65-то. Израел напредува за две позиции до 82-то, додека Летонија продолжи да тоне и со ново назадување од четири места сега е 137.

На врвот на листата Белгија остана лидер пред Франција, Бразил и Англија, а европскиот првак Португалија по освојувањето на Лигата на нации сега е петта со скокот од две позиции. Во топ десет уште се и Хрватска (пад за едно место), Шпанија (скок за две позиции), Уругвај (пад за две места), Швајцарија (пад за едно место) и Данска.