Димитриевски во лош момент го повреди рамото – на личен и на репрезентативен план!

Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, ќе мора извесно време да биде надвор од фудбалскиот терен поради повреда на левото рамо, што сигурно ќе влијае на неговотот посакувано заминување од таборот на Валенсија.

Од клубот потврдија дека нашиот чувар на мрежата се повредил на еден од последните тренинзи.

„Голманот Димитриевски заработи повреда на левото рамо. Интернационалниот голман ќе продолжи со медицински третман, физиотерапија и рехабилитација додека не се врати назад во тимот“, се наведува во краткото соопштение на Валенсија.

Деталите за сериозноста на повредата не се обелоденети, но и покрај тоа постои загриженост поради неговите обврски кон македонската репрезентација, која на почетокот од септември ги продолжува квалификациите за СП 2026. Оваа пауза исто така би можела да го намали интересот на клубовите за негова аквизиција, со оглед што веќе е јасно дека и следната сезона нема да добие вистинска шанса во таборот на Валенсија.