За секого по бод попладнево во Серија А (ВИДЕО)

Фудбалерите на Џенова и Пиза одиграа реми 1-1 во дербито на долниот дел од табелата во Серија А, во натпревар во рамките од 18. коло во Серија А.

Со овој резултат, гостите останаа претпоследни на табелата со 12 бодови, додека Џенова се наоѓа прва над зоната за испаѓање и има три бода повеќе од денешниот ривал.

Двата гола на натпреварот во Џенова беа постигнати во првото полувреме. Домашниот тим поведе во 15. минута, кога Лоренцо Коломбо ја крена публиката на нозе, а бод за Пиза донесе Мехди Лерис со погодок во 38. минута.

Идентичен беше резултатот и на вториот дуел во истиот термин кој го играа Сасуоло и Парма.

Сасуоло поведе во 12. минута со голот на Кристијан Торстед, а израмнувањето следуваше во 24. минута кога прецизен беше Матео Пелегрино.

По ова реми Сасуоло, сега има 23 бодови и се наоѓа на деветтото место на табелата, додека Парма е 14-та со 18 бодови.