Во Германија фудбалот е религија - 62 илјади гледачи на натпревар од Втората лига (ВИДЕО)

Со дуелот меѓу Шалке и Херта, синоќа почна новата сезона во германската Втора лига во која и оваа година ќе учествуваат многу славни клубови.

Токму Шалке и Херта се два од нив, па не чуди интересот на навивачите за овој натпревар. На трибините на Фелтинс арената во Гелзенкирхен се собраа 62.270 гледачи кои направија фантастична атмосфера и потсетија на најдобрите денови на Шалке.

Поради тоа што во Цвајта последните години учествуваат голем број германски гиганти со стадиони со голем капацитет, просекот на гледачи на натпреварите во оваа конкуренција се зголемува од сезона во сезона, па лани го достигна рекордот, со просек од 30.493.

Шалке синоќа победи со 2-1, со головите на Муса Сила и Никола Катиќ, а на голот на тимот од Гелзенкирхен од оваа сезона е поранешниот голман на Ливерпул, Лорис Кариус.