Тудор контра директорот: Не го водам Јуве на Светското првенство ако бараат нов тренер

Јувентус во драматичен финиш на сезоната обезбеди пласман во Лигата на шампионите, но и покрај тоа трае тензијата во клубот кога станува збор за тренерската позиција.

По синоќешниот меч против Венеција, директорот Кристијано Џунтоли изјави дека по Светското клупско првенство ќе се одлучува кој ќе го води Јувентус идната сезона. Тренерот Игор Тудор му контрираше на својот претпоставен.

„Многу брзо ќе се знае кој ќе биде тренер на Јувентус. Не по Светското клупско првенство, туку претходно“, рече хрватскиот стручњак.

Италијанските медиуми објавија дека тој јасно им посочил на челниците на клубот дека нема да ја води екипата на Светското првенство во САД ако претходно не добие договор за идната сезона. Се повеќе се шпекулира дека на клупата на Јуве ќе се врати Антонио Конте кој сезонава ја освои шампионската титула со Наполи, но има несогласувања со сопствениот Аурелио де Лаурентис во врска со плановите за тоа каде треба да се движи клубот.