
„Тројка“ на Барса за плус 3 пред Реал (ВИДЕО)
Нова жртва на „каталонците“ е Осасуна на која ѝ вратија со камата за поразот во првиот дел од сезоната. Тогаш беше 4-2 за тимот од Памплона, а вечерва Барселона славеше со 3-0 и тоа без неколку важни играчи во составот.
По 20-тина минути игра веќе беше јасно дека бодовите ќе останат на Монжуик бидејќи со головите на Феран Торес и Дани Олмо, Барселона веќе водеше со 2-0. Задоволството делумно го помати повредата на Олмо по половина час игра, но домаќините не дозволија тоа да влијае на резултатот. Конечните 3-0 ги постави Роберт Левандовски во 77. минута, на асистенција на Фермин Лопез.
Барселона сега има три бода предност пред Реал, на десет кола пред крајот на сезоната, а победничката серија ќе има можност да ја продолжи в недела кога ја пречекува Жирона.