Солзите се само добро сценарио: Винисиус снимал документарен филм за Нетфликс

Драмата што ја направи Винисиус Жуниор на почетокот од оваа недела кога се расплака на прес-конференција поради расистичките навреди упатени кон него, всушност, е само сценарио за документарниот филм кој се снима за него, тврдат шпански медиуми.

Прес-конференцијата била снимана од Нетфликс и ќе биде дел од филмот за бразилскиот фудбалер во кој главна тема ќе биде токму расизмот во спортот. Во Шпанија се согласуваат дека има расизам од трибините, но тврдат дека Винисиус е тој што провоцира, а новата информацијата за документарниот филм само дополнително ги разгоре страстите.

„Драматичниот настап на Винисиус многу подобро се сфаќа ако се знае дека во тек е снимање на документарен филм за Нетфликс. И плачењето со скапиот Ролекс на раката е еден исклучително интересен момент“, пишуваат, меѓу другото, Шпанците.

На фамозната прес-конференција, Винисиус се жалеше дека се помалку му се игра фудбал поради расизмот на трибините. За многумина е интересно како баш сега се расплака, ако се знае дека натпреварот против Шпанија се играше на „Бернабе“, а расистичките навреди кон него траат неколку години.