
Сити и Милан се договорија - Рејндерс ќе биде наследникот на Де Брујне
Личните услови со играчот веќе се прецизирани и сè што останува е клубовите да се согласат - нешто што очигледно веќе се случило. Првичната понуда на Сити беше околу 60 милиони евра, но беше одбиена пред неколку дена. Постојат две верзии за тоам првата е дека „граѓаните“ ќе го потпишат 26-годишниот Холанѓанец за вкупно околу 70 милиони евра - вклучувајќи ги и можните бонуси, а втората, дека Англичаните ќе платат фиксна сума од 55 милиони евра и Рејндерс ќе потпише за пет години.
Рејндерс беше еден од најдобрите играчи во инаку слабата сезона на Милан, одигра вкупно 54 натпревари и постигна 15 гола и 5 асистенции. Иако „росонерите“ го продолжија неговиот договор во март до 2030 година, неиграњето во европските купови сигурно влијаеше на одлуката да се разделат со еден од нивните асови. Во Сити тој ќе биде замена за Кевин де Брујне кој по една деценија ја напушта екипата.
Манчестер Сити работи на уште два трансфера - офанзивниот играч за врска Рајан Черки од Лион и левиот бек на Вулверхемптон, Рајан Аит-Нури. Милан како замена за Рејндерс ќе го донесе Лука Модриќ, кој е слободен агент.