„Росонерите“ збунети: Модриќ одби да оди на лекарски прегледи во Милан

Извесно е дека Лука Модриќ ќе ја продолжи кариерата во Милан, но со својот последен потег ги збуни навивачите на италијанскиот клуб.

Неделава требаше да ги изврши лекарските прегледи во Милан, пред заминувањето за САД каде со Реал ќе учествува на Светското клупско првенство, но во последен момент го откажа овој план. Не станува збор за премислување кај него, туку тоа го направил од почит кон Реал Мадрид.

На управата на Милан, хрватскиот ас ѝ објаснил дека се уште е под договор со Реал, а со оглед на тоа што ќе го носи белиот дрес на Светското клупско првенство и е под договор до неговото завршување, се што е планирано ќе направи потоа.

Пред неколку недели Модриќ и Милан постигнаа договор за едногодишна соработка за плата од 3,5 милиони евра и опција за продолжување на уште една сезона.