Реал Мадрид и официјално се пофали со потписот на Александер-Арнолд (ФОТО)

Реал Мадрид официјално го потврди ангажманот на Трент Александар-Арнолд, кој по истекот на договорот со Ливерпул се приклучува на шпанскиот гигант.

Англискиот репрезентативец потпиша шестгодишен договор што ќе важи до јуни 2031 година. Иако трансферот се реализираше без отштета, бидејќи Александар-Арнолд беше слободен играч, мадридскиот клуб мораше да оствари комуникација со Ливерпул за да добие дозвола фудбалерот да отпатува во САД, каде ќе настапи на Светското клупско првенство.

Десниот бек зад себе има респектабилна кариера во Ливерпул, каде настапи на 354 натпревари и се истакна како еден од најофанзивните играчи на својата позиција во европскиот фудбал. Со 93 асистенции, тој се вбројува меѓу најдобрите асистенти во историјата на Премиер лигата. Забележително е и тоа што во целата кариера досега не добил ниту еден директен црвен картон.

Во одлуката за промена на средината важна улога одигра Џуд Белингам, со кого Александар-Арнолд одржува блиска пријателска врска и кој веќе една сезона настапува за Реал Мадрид.