
Лазаров: Не сум разочаран – игравме егал со екипа со подобар ростер и со странци!
„Тешко е сега да се каже, треба да му се честита на тој што победи, ние сакаме фер–плеј,“ изјави Лазаров, честитајќи му на противникот.
Тој не го криеше задоволството од настапот на својот тим.
„Сакам да им честитам на моите играчи кои имаат една многу тешка сезона и покрај сите хендикепи што ги имаме, играме егал со екипи со подобри ростери, можам да кажам со интернационални играчи. Секако дека тоа ме прави горд“, дополнува предводникот на „фармацевтите“.
Според него, натпреварот бил израмнет и одлучен во последните моменти.
„Имавме напад за победа, значи ние ја донесовме оваа средба таму каде што сакавме, не успеавме да реализираме. Му честитам на Вардар, ние имаме свој пат, по тежок пат одиме“, додаде популарниот Кире.
Лазаров рече дека и покрај резултатот, не се чувствува разочаран.
„Мора да кажам дека не сум разочаран, напротив, горд сум на целиот тим и на екипата како функционираше. Знам како е да се функционира квалитетно и константно во текот на целата година, како што кажав со сите хендикепи. Тоа е тоа“, реален е Лазаров.
На крајот тој укажа и на психолошката компонента во играта.
„Пресудија детали, можеби имаме малце респект кон името Вардар, тоа нашите млади играчи треба да го надминат, да им стане јасно дека ова е терен 40-20 и без разлика како се вика противникот и кој игра. Треба тоа да го научат, полека го учат. Тоа оди споро и од време на време ќе платиш некоја казна и данок“, заврши тренерот на Алкалоид.
Ова значи дека Купот на Македонија ќе добие нов победник со оглед што составот од Автокоманда во Охрид дојде како бранител на трофејот.