Продолжува бајката на Жирона, шести триумф по ред, победа и за Реал! (ВИДЕО)

Реал им се врати на победите, по викенд поразот од Атлетико во мадридското дерби, но се чини дека поголема вест вечерва е новото продолжение на триумфалната бајка на Жирона. „Малиот“ клуб од Каталонија победи и шести натпревар едноподруго, овој пат на гости кај Вилјареал, за да го сочува првото место на табелата.

Вилјареал не ги искористи своите шанси во првото полувреме, но уште во стартот на второто доби пенал, кој го реализира Парехо за 1-0. Жирона одигра отворено и напаѓачки и резултатот стигна набргу. Во 56. минута Довбик изедначи на 1-1, а пет подоцна Ерик Гарсија го комплетира пресвртот за 2-1, резултат кој остана конечен.

Со оваа шеста победа едноподруго, Жирона води на табелата со 19 бода, еден повеќе од Реал, кој во ова седмо коло рутински славеше над Лас Палмас со 2-0. Карло Анчелоти реши да ги одмори Џуд Белингем и Лука Модриќ, кои воопшто не влегоа во игра, а во вториот дел од повредата се врати Винисиус.

Сепак, клучен момент за мирен развој на натпреварот беше голот на Брахим Дијаз во судиското продолжение од првото полувреме. Со водство од 1-0, „кралевите“ може спокојно да продолжат по одморот во соблекувалните, а сите дилеми завршија кога Хозелу погоди во 54. минута.

Во истиов термин се соочија и Атлетик Билбао и Хетафе, а откако домаќинот двапати водеше, гостинот двапати изедначуваше за финални 2-2.