Нов проблем за Јунајтед – (по)долг период ќе биде без една од најголемите ѕвезди!

Манчестер Јунајтед ќе биде значително ослабен за претстојниот натпревар против Њукасл на „Боксинг деј“, откако тренерот Рубен Аморим потврди дека капитенот Бруно Фернандеш и младиот Коби Мејну нема да бидат на располагање.

Фернандеш, кој беше стартер на секој натпревар во Премиер лигата оваа сезона, се повреди на гостувањето кај Астон Вила. Португалецот заработи повреда на тетивата пред паузата, се обиде да продолжи, но беше заменет во второто полувреме.

„Се работи за повреда на меките ткива. Мислам дека ќе пропушти неколку натпревари, но ќе видиме“, изјави Аморим, додавајќи дека ситуацијата засега е неизвесна и покрај тоа што Фернандеш обично брзо се опоравува.

Проблемите на Јунајтед тука не завршуваат. Надвор од комбинација е и Мејну поради повреда на листот, иако се очекуваше да стартува против црно-белите. Дополнително, недостапни се и Брајан Мбемо, Амад Диало и Нусаир Мазрауи поради настап на Купот на африканските нации, како и повредените дефанзивци Матајс де Лихт и Хари Магвајр.

Единствената позитивна вест за „црвените ѓаволи“ е враќањето на Каземиро, кој ја одработи суспензијата и ќе биде на располагање за дуелот со Њукасл.

ФОТО: EPA PHOTO