Навивачите на Манчестер јунајтед збеснаа и жестоко удрија по скапото засилување!

Лидс и Манчестер јунајтед одиграа 1-1 во денешниот натпревар од 20. коло на Премиер лигата, а по овој дуел еден од најкритикуваните беше напаѓачот Бенјамин Шешко.

Навивачите на Манчестер јунајтед повторно останаа разочарани, откако нивниот тим „киксна“ и против 16-пласираната екипа на табелата. Во низата лоши резултати на тимот на Рубен Аморим, кој забележа само три победи во последните 11 првенствени натпревари, во центарот на критиките повторно се најде словенечкиот напаѓач.

Управата на Јунајтед летово потроши дури 225 милиони евра за засилувања во нападот, а најмногу одекна трансферот на Шешко од 76,5 милиони евра. Сепак, словенечкиот репрезентативец досега не ги оправда големите очекувања, а настапот против Лидс само се вклопи во претходните лоши изданија.

Иако го одигра целиот натпревар, неговата статистика беше поразителна. Од трите удари кон голот, ниту еден не заврши во рамките на голот. Промаши две големи шанси, двапати беше фатен во офсајд и дури 14 пати ја загуби топката.

22-годишниот напаѓач оваа сезона одигра 17 натпревари за Манчестер јунајтед во сите натпреварувања, при што постигна два гола и запиша една асистенција. Далеку од учинокот што се очекуваше од него, особено ако се земе предвид дека во две сезони во дресот на Лајпциг постигна 39 голови и осум асистенции на 87 настапи.

Незадоволството на навивачите се прелеа и на социјалните мрежи, каде што не штедеа критики на сметка на словенечкиот напаѓач.

„Настапите на Шешко се загрижувачки. Постојано е во офсајд, лошо се позиционира во нападот, а и реализацијата му е слаба“, гласи еден од коментарите.

Други беа уште поостри:

„Шешко сè повеќе изгледа како целосно фрлени пари“, додека трет додаде: „Шешко е толку лош, човече. Уште сега ќе кажам – ужасен избор“...