Мнозинството навивачи на Реал би го продале Винисиус во Саудиска Арабија

Еден од најтиражните шпански спортски весници АС направи анкета откако пред два дена излезе информација дека Винисиус веќе почнал преговори за трансфер во Саудиска Арабија.

Весникот ги праша навивачите на Реал дали се согласуваат бразилскиот репрезентативец да биде продаден, со оглед на тоа што се работи за висока сума, а резултатите од анкетата се изненадувачки. И покрај тоа што е еден од најдобрите фудбалери во светот, навивачите на Реал се согласни тој да биде продаден.

За такво сценарио гласале безмалку 58% од фановите на Реал, додека 42% се против заминување на Винисиус. Во анкетата учествувале 18.184 читатели.

Винисиус е меѓу носителите на играта на Реал, но навивачите на мадридскиот клуб одамна се незадоволни од неговото однесување на теренот што често е погубно за „кралевите“. Некои од нив сметаат дека тој не е достоен да го носи дресот на Реал и покрај тоа што минатата година беше на чекор од освојување на Златната топка. Саудијците сега се подготвени за него да потрошат 1,5 милијарди евра од кои една милијарда за петгодишен договор со него, а 500 милиони за отштета на Реал.