Лампард им предложи идеален тренер на Арсенал и Челси

Легендарниот фудбалер на Челси, Френк Лампард, знае кој би бил совршен тренер за „топчиите“ по заминувањето на Арсен Венгер.

Една од главните теми во минатиот месец беше токму за тоа кој ќе го наследи Французинот на клупата на Арсенал.

Според последните шпекулации, најголеми шанси има Микел Артета, поранешниот фудбалер на „топчиите“, кој во претходните две години соработуваше со Пеп Гвардиола во Манчестер сити.

Свое мислење на темата даде и поранешниот англиски репрезентативец, кој вчера го следеше финалето во Лигата на Европа, во кое победи Атлетико Мадрид.

„Арсенал би добил многу со ангажирање на Диего Симеоне, зашто тој е победник. На тимот ќе му го даде потребното и ќе има дисциплина во екипата. Тој одлично го води Атлетико. На луѓето може не им се допаѓа тој стил на игра, но сепак се покажа како ефикасен“, вели Лампард.

Да потсетиме, Симеоне се споменуваше и како потенцијален тренер на Челси во наредната сезона, доколку од клупата замине Антонио Конте.