„Кралевите“ ставија крај на губитничката серија: Реал конечно најде лек за Барса (ВИДЕО)
На домашен терен, „кралевите“ славеа со 2-1, во меч во кој можеше да има барем уште три (регуларни) гола. Преполовената Барселона, која на „Бернабе“ се појави без седуммина стандардни првотимци, не можеше да му парира на противникот и доживеа пораз кој, сепак, не е толку болен, колку што можеше да биде.
Најважните работи на денешниот натпревар, вклучувајќи ги трите гола беа постигнати во првото полувреме. Откако прво не му беше досуден пенал на Реал, а потоа за милиметри му беше поништен погодок на Мбапе, Французинот во 22. минута го отвори резултатот, погодувајќи во свој стил. Реал имаше уште неколку шанси потоа за да го зголеми водството, но место 2-0, во 38. минута Фермин го израмни резултатот по една грешка на Арда Ѓулер на својата половина.
Сепак, радоста на гостинските фудбалери и навивачи траеше кратко, само пет минути бидејќи на асистенција на Едер Милитао, Белингам успеа да го совлада Шчесни и да го врати Реал во водство.
Се можеше да биде готово во 52. минута од натпреварот кога Ерик Гарсија играше со рака во својот шеснаесетник, а Мбапе тргна да го изведе ударот од белата точка. Шчесни не дозволи Барса да ги загуби шансите, со фантастична интервенција го одбрани ударот и ја задржа неизвесноста во мечот. „Каталонците“, меѓутоа, до крајот не успеаја сериозно да се заканат, па Реал мирно го приведе натпреварот кон крај и ја однесе победата.
Со неа се зацврсти на челната позиција на табелата и по десет кола има 27 бода, пет повеќе од бранителот на титулата.