Пелистер го прегази Феникс и им се придружи на ТФТ и Куманово
Гостите рамноправна игра прикажаа само во првата четвртина кога се до последните минути од овој период имаа и водство, тогаш Пелистер направи пресврт и поведе со 23-17. Од тој момент се во продолжение беше во знакот на домаќините.
Во вториот период битолчани стигнаа и до двоцифрена разлика со која заминаа на паузата (46-35).
По враќањето на паркетот домаќините доминираа уште повеќе, па разликата одеше и до над 20 поени. Во тие моменти веќе стана јасно дека гостите немаат сили за нешто повеќе, па на крајот прашање беше само резултатот со кој Пелистер ќе слави.
Крстевски беше најрасположен и запиша дабл-дабл од 17 поени и 11 скока, а го следеше Прајс со 16, додека на спротивната страна Златевски исто така „броеше“ до 16.
Пелистер така им се придружи на Куманово и ТФТ кои исто така од почетокот на сезоната имаат по четири победи.