
Инзаги се прости од навивачите: Дадов сѐ од себе за Интер
Неговото заминување беше најавено уште пред финалето од Лигата на шампионите, а денеска трофејниот стручњак на состанок со раководството објави дека ќе ја прифати понудата на Ал Хилал.
„Дојде време да се простам со клубот каде поминав четири години, период за кој дадов се од себе. Шесте освоени трофеи, вклучувајќи го Скудетото, како и пласманот во две финалиња на Лигата на шампионите, се остварени пред се поради вашата поддршка и јас сум ви благодарен за тоа. Им благодарам на милионите 'нераѕури' низ светот кои славеа во убавите и тагуваа во лошите моменти“, објави, меѓу другото, Инзаги.
Како тренер на Интер, тој освои една титула во Серија А, две во Копа Италија и три во Суперкупот на Италија. Освен тоа, беше прогласен за тренер на годината во италијанското првенство во 2024 година.