
Дончиќ во транс по влезот на неговата Илирија во АБА: Победивме прваци на Европа!
Со овој успех, Словенија првпат ќе има три претставници во најсилното регионално кошаркарско натпреварување. Спортскиот директор на клубот, Саша Дончиќ – таткото на НБА ѕвездата Лука Дончиќ – беше меѓу првите што втрчаа на терен по завршувањето на одлучувачкиот натпревар, прославувајќи ја најголемата победа во историјата на клубот.
„Ова е фантастично. Со тим што важеше за аутсајдер постигнавме неверојатен резултат. Верувавме, напорно работевме и жртвувавме многу – вклучително и полуфиналето во домашното првенство – сè за влез во АБА лигата. Се исплатеше“, изјави Дончиќ.
Илирија претходно сезонава за првпат стигна до полуфинале на словенечкото првенство, а потоа доби и втора шанса за пробив во елитата, откако во првиот обид беше совладана од екипата на Босна во финалето од АБА2. Овој тим стана единствениот што успеа да победи два поранешни европски шампиони – Цибона и Босна – што е уште едно сведоштво за одличната работа на стручниот штаб и играчите. Поддршката не изостана ниту од Лука Дончиќ, кој по враќањето од САД редовно присуствуваше на натпреварите на Илирија.
„Лука беше со нас речиси на секој меч. Момците го чувствуваа тоа. Сигурен сум дека и нему срцето му е полно поради успехот на овој мал, но голем клуб“, рече гордо Саша Дончиќ.
За клубот сега следува нов предизвик – засилување на играчкиот кадар за настап во АБА, каде конкуренцијата е далеку посилна.
„Имавме ограничен ростер и затоа се фокусиравме само на еден фронт. Во домашното полуфинале игравме со помлади играчи, што им донесе вредно искуство. Сега не чека уште поголем предизвик, но ќе имаме доволно време за подготовки“, додава Дончиќ.